Во текот на месец октомври 2021 година од страна на тимот кој работи на проектот „Превенција на детско престапништво“ беше спроведено истражување со цел креирање на соодветен полу-структуиран прашалник кој имаше задача да даде прецизна слика за видот, интензитетот и сторителите на насилство во основните и средните училишта.

            Дел од истражувањето беа вработени во 15 основни и средни училишта во Македонија кои имаа задача да дадат свое видување за состојбата со насилство во училиштето во кое работат, како и да дадат конкретни предлози за негово сузбивање.

            Проектниот тим е задоволен од мешовитиот состав на испитаниците со оглед на фактот дека беа анкетирани директори, педагози, психолози, наставници, дефектолог, а едно од училиштата креираше и тим од вработени кои колективно одговорија на вкупно 14 поставени прашања од прашалникот.

            Уште на почетокот е воочливо дека доминантен вид на насилство кое постои помеѓу учениците е навредувањето односно исмејувањето бидејќи скоро сите испитаници одговориле дека овој тип на насилство е доминантен во училиштето во кое работата. Веднаш зад него се наоѓа онлајн-насилството или т.н. Cyberbullying кое заедно со психичкото односно емоционалното насилство се на второто, односно третото место. Куриозитет претставува тоа што само двајца од испитаниците одговориле дека во училиштето во кое работат постои физичко насилство, а ниту еден испитаник не одговорил дека во училиштата се случува малтретирање односно силеџиство помеѓу соучениците.

            Од овој дел можат да се извлечат повеќе заклучоци. Прво, како и во остатокот од човековото живеење и насилството очигледно почнува да добива нов облик. Ако се погледнат резултатите од истражувањето јасно се гледа дека „традиционалното“ физичко насилство, силеџиство или малтретирање се истиснати од страна на „софистицираното“ онлајн-насилство кое најчесто се појавува во форма на психичка односно емоционална тортура. Второ, овој вид на насилство бара и посебен пристап во неговото откривање, казнување и превенирање бидејќи често пати се случува „тивко“ и понекогаш не е лесно воочлив од вработените во училиштата. Трето, остануваат отворени многу прашања кои треба да се предмет на посебна анализа, како што се: кои се причините за овој тип на насилство; како влијае врз жртвите; како се детектира и превенира;.

            Покрај насилството помеѓу учениците, 8 испитаници изјавиле дека во нивното училиште  постои Насилничко однесување (уништување на училишен инвентар и сл.), а помал дел истакнале дека учениците практикуваат и друг тип на казниви дела како што се кражби (од еден на друг ученик), изнудување на пари или други средства како и конзумирање на опијати. Оваа статистика покажува дека иако млади, учениците понекогаш се сторители на казниви дела кои ако не се санкционираат, превенираат и ако не се работи со сторителите можат да прераснат во сериозно криминално однесување во иднина.

            Во однос на местата каде што се случува насилството, ниту еден вработен не одговорил дека постои насилство за време на часовите, додека пак скоро сите одговориле дека насилството најчесто се случува за време на одморите и за време на доаѓањето и заминувањето од училиште на учениците. Ова покажува дека наставниците без проблем ја одржуваат дисциплината на часовите каде што учениците не се осмелуваат да сторат некој од видовите на насилство. Но, во овој дел останува отворено прашањето дали за време на часовите не се случува онлајн насилство како „втор простор“ на делување на насилниците. Со оглед на тоа што најголемиот дел од учениците поседуваат лесен пристап до социјалните мрежи, прашање е колку наставниците за време на часовите може да спречат Cyberbullying помеѓу учениците. Ако сме на полето на превенцијата, дефинитивно треба да се поработи по ова прашање за време на одморите помеѓу часовите со оглед на тоа што најголемиот број испитаници (дури 12) одговориле дека тогаш најчесто имаме насилничко однесување на учениците. Сметаме дека училиштата можат да применат повеќе мерки на надзор за време на одморите додека учениците се во просториите на училиштето за разлика од фактот што насилството кое што се случува за време на доаѓањето и заминувањето од училиште. Тука самите училишта за жал имаат скромен увид во состојбата и би требало да се применат други мерки со цел превенција на насилството.

                    Во однос на прашањето „Дали вработените имаат доволна едукација и обука за разрешувањето на конфликтите кои настануваат помеѓу учениците?“ повеќе од 55% од испитаниците одговориле дека вработените се доволно едуцирани додека остатокот сметаат дека едукацијата не е на високо ниво или пак не го знаеле одговорот на ова прашање. Во овој дел заклучокот е дека дефинитивно постои простор за дополнителна едукација на вработените на училиштето бидејќи, како што погоре наведовме, „модусите“ на практикување насилство се менуваат со напредокот на технологијата.

                 Следно, доаѓаме до можеби најважните две прашања, а тоа се причините за постоење на насилството и побудите кај сторителите. Според испитаниците, скоро еднаков број на одговори добиле сите три понудени опции односно: „Неказнивоста на сторителите“, „Непостоење на механизми за превенција“ и „Неоткривање на насилството“. Ова дефинитивно покажува дека имаме сериозно „разгранет“ дијапазон на причини за постоење на насилството што секако бара систематски одговор од надлежните во негова превенција. Поврзано со претходното прашање во однос на едукацијата, одговорите на ова прашање даваат можни насоки во кои би требала да се спроведе едукацијата на вработените во училиштето со цел сузбивање на насилството. Во овој дел испитаниците додале дека недоволната соработка и објективност на родителите, непочитување на училишните правила и изместениот систем на општествени вредности се дел од причините за појавување на насилството што отвара дополнителна можност за креирање на квалитетен систем на едукација на вработените, но очигледно е дека едукацијата е добредојдена и за родителите на учениците.

                  Во однос на второто споменато прашање, односно за побудите на сторителите прединачат провокациите и навредите со скоро 30% од одговорите на испитаниците, следно поводливоста, односно таканареченото „лошо друштво“ заземаат 18% од одговорите, а веднаш после него се наоѓа „љубомората“ со скоро 17% од испитаничките одговори. Понатаму, во скоро еднаков процент на одговори се наоѓаат следните побуди: Омраза, Етничка или верска нетрпеливост, Семејна финансиска состојба, Одмазда, Одбрана на другар/ка и неприфаќање различности – нетолерантност. Овој дел од статистиката покажува дека проблемот со насилството е навистина сериозен и бара детално истражување со цел примена на вистинските мерки за негово сузбивање и превенција. Со оглед на тоа што испитаниците посочиле најмалку 10 различни побуди за насилство во училиштата, јасно е дека овој проблем не може да се реши со унифициран пристап, туку дека истиот бара прецизна индивидуализација на побудите но и на сторителите и жртвите. Овој процес бара голем труд и човечки ресурси но претставува единствениот начин за сузбивање на насилството кај младите.

               Кога е веќе јасно дека насилството постои и се случува прилично често, испитаниците имаа за задача да одговорат како според нив е најдобро да се превенира насилството во училиштето во кое тие работат. 36% од нив сметаат дека најдобар начин за превенција е едукација на учениците, 32% сметат дека едукацијата на родителите е најважна, 20% мислат дека е потребна едукација на вработените, додека 12% од испитаниците истакнале дека строгите казни се решение за овој проблем. Мал дел од испитаниците одговориле дека „препознавање на промените во однесувањето кај поединец кој е жртва на насилство и подигање на свеста на поединците дека секое вклучување во процесот е важно и согледување на одговорноста на сведоците за опстојувањето на насилството“ е најдобар начин за превенција на насилството. Како и претходно и ова прашање отвара многу прашања, но и повторно дава до знаење дека проблемот е комплексен. Факт е дека сите од опциите кои беа поставени како прашање можат да придонесат за сузбивање на насилството и затоа постои дисперзија на одговорите. Произлегува дека според вработените во училиштата, едукацијата на учениците и родителите прединачи пред едукацијата на вработените, но со оглед на тоа што сите од одговорите имаат сериозен процент, јасно е дека оваа едукација треба да се постави на широк „фронт“ во кој ќе учествуваат сите чинители бидејќи само така може да се дојде до сржта на проблемот со цел негово превенирање. Секако за пофалба е свесноста на вработените дека индивидуализацијата преку препознавањето на промените во однесување кај жртвите е одличен начин на сузбивање на насилството.

                   Кога се во прашање педагошките мерки кои се изрекуваат на сторителите на насилство може да заклучиме дека ситуацијата е очекувана. Прва е усната опомена по која следат писмената опомена, укорот, намалувањето на поведение и преместувањето на ученикот во друга паралелка односно училиште. Од овој дел на статистиката произлегува дека стандардните педагошки мерки се применуваат во голема мера од страна на училиштата и дека иако е забележано дека насилството често пати се случува да прерасне во криминалитет, усната и писмената опомена како најлесни педагошки мерки заземаат 56% од изречените педагошки мерки, согласно нашето истражување.

                 Следно, како дел од истражувањето беше утврдено дека е потребна анализа на учесниците во насилството по пол и возраст. Од истражувањето беше утврдено дека скоро еднаков број на ученици се учесници во насилство од пониските и повисоките години на образование, што е само потврда на податокот дека „модусите“ на насилство еволуирале и со што „традиционалното“ физичко насилство денес е заменето со други видови на насилство кои можат да ги практикуваат сите ученици, без разлика на нивната возраст.

            Кога е во прашање полот на учесниците во насилство ги добивме можеби најнеочекуваните резултати. Условно кажано „само“ 50% од насилството се случува помеѓу ученици од машки пол, додека скоро 30% од насилството се случува помеѓу ученички од женски пол. Во овој дел од статистиката влезе и „мешовитото“ насилство помеѓу ученици од машки и женски пол со скоро 20% од одговорите на испитаниците. Со оглед на истражувањата кои претходеа на креирањето на анкетниот прашалник, наведуваа на тоа дека насилството е „резервирано“ за ученици од машки пол, добиените податоци сметаме дека повторно покажуваат дека насилството е сериозно променето во однос на тоа во минатото. Споментатите претходни истражувања имаа во предвид податоци кои произлегуваа од Министерството за внатрешни работи, Центрите за социјална работа, судовите и обвинителствата и можеби тука треба да се најде причината за ова несогласување бидејќи ова се органи кои најчесто го детектираат „сериозното физичко насилство“ кое сепак е резервирано само за учениците од машки пол согласно нашите истражувања.

            Потврда на се од горенаведеното е фактот дека според нашите истражувања, женските ученици „водат“ во однос на машките кога е во прашање навредувањето, исмејувањето и емоционалното и психичкото насилство додека пак машките и женските ученици се изедначени кога е во прашање Cyberbullying како вид на насилство.

            Како заклучок од овој дел произлегува дека дискрепанцата помеѓу машките и женските насилници е сериозно намалена. Потврдена е претпоставката дека физичкото насилство и малтретирањето се резервирани за машките ученици, но во останатите видови на насилство голем удел имаат и ученичките од женски пол. Тема на понатамошна анализа претставува податокот дека постои и „мешовито“ насилство помеѓу ученици од машки и од женски пол за кое сметаме дека треба да се третира и анализира индивидуално со цел откривање на причините за негова појава како и сузбивање на истото.

            На крајот од прашалникот, испитаниците имаа можност да дадат свои предлози за решавање на проблемот со насилството во училиштата. Во овој дел имаше навистина многу одговори и предлози по што ги сумиравме следните:

  • Креаирање на работилници на тема насилство ко која ќе учествуваат сите чинители (вработените, учениците, родителите);
  • Разговарање на темата насилство за време на класните часови, но и редовна дискусија за време на часовите;
  • Спроведување на активности за креирање на тимски дух помеѓу учениците и наставниците;
  • Создавање на креативни работилници на кои ќе учествуваат ученици од различни училишта и паралелки и различни националности и верски определби со цел поблиско запознавање со врсниците;
  • Преземање на мерки од страна на училиштата уште при најмал сомнеж за постоење насилство во конкретен случај;
  • Спроведување на обуки на тема насилство за вработените во училиштата;
  • Спроведување на посебни обуки за родителите со цел правилно воспитување на нивните деца;
  • Креирање кодекси на однесување во училиштата и доследно спроведување на политиката: „0 толеранција на насилство во училиштата“.
  • Соочување на насилниците и жртвите под надзор на стручни лица со цел надминување на конкретниот проблем;
  • Примена на построги казнени мерки за сторителите;
  • Преземање мерки за потенцирање на личната одговорност на сторителите.

                  За крај истакнуваме дека нашиот тим е задоволен од рализацијата и одговорите на прашалникот и констатира дека испитаниците имаат мотив и идеи за сузбивање на насилството во нивните училишта. Оваа желба за подобрување секако треба да се искористи  во насока на спроведување на конкретни активности по ова прашање и преку примена на горенаведените предлози на испитаниците кои секако најдобро ја познаваат состојбата „на терен“ бидејќи секојдневно работат со учениците. Заклучок е дека насилството во училиштата постои во најразлични форми и облици поради кои е потребен сериозен индивидуален третман на учесниците во него, а неговата „модернизација“ бара од надлежните промена на пристапот при неговото сузбивање и превенирање.