Од податоците добиени од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Скопје, со посебен акцент на три општини (Аеродром, Сарај и Шуто Оризари), состојбата со детското престапништво (прекршоци и кривични дела), за периодот од 2017 година заклучно со јуни 2020 година, е прикажана на објавениот инфографик.

Податоците покажуваат рапидно зголемување на детското престапништво во 2020 година, кога и покрај условите на пандемија, вкупната бројка е поголема одошто за цела 2019 година. Од добиеното објаснување од ЈУ МЦСР Скопје ваквото зголемување на облиците на детското престапништво, што ги опфаќа и децата во ризик и децата во судир со законот, се должи на зголеменото вршење прекршоци во однос на непочитување на полицискиот час.

Трите општини, кои според проектниот тим беа одбрани за анализа на ризик факторите, учествуваат со повеќе од една третина во вкупното детско престапништво во периодот 2017-2019 година односно со дури половина од вкупните случаи во градот Скопје за 2020 година, што говори за релевантноста на изборот на наведените општини од аспект на постоење случаи кои со подробна анализа може да доведат до аргументирани согледувања на што се должат ризик факторите за појавата на детското престапништво.