📌Податоците укажуваат тренд на намалување на деца во ризик на годишно ниво и тоа од 2015 кога бројот бил највисок и тоа 2131 дете до 2017 година кога има евидентирано најмал број деца во ризик, односно 1444. По ова, во 2018 и 2019 година бележиме повторно пораст на бројот на деца во ризик при што 2019 година се приближува до 2015 година како почетна година на ова истражување.

👉Во однос на половата структура, се забележува дека во сите години на истражување доминираат машките деца, но и дека овој процент постепено се намалува во корист на женските деца кои во 2019 година биле повеќе од 1/5 од вкупниот број на деца во ризик.

👉Ваквата состојба може да се објасни со фактот дека машките деца се изложени на поголем ризик да дојдат во допир или во конфликт со законот, што може да се должи на традиционалните ставови и верувања за позицијата на машкото дете во семејството, одредени влијанија на локалната средина, позицијата во машката врсничка група, но и одредени стереотипи и предрасуди. Секако, гледаме дека оваа структура полека се менува па останува следење на оваа анализа во наредните години со цел утврдување на причините поради кои се бележи намалување на половата дискрепанца кај децата во ризик.

⚠️Дете во ризик е дете кое има 7 години, но нема 18 години. Дете кај кое се јавува општествено неприфатливо однесување, кое сторило прекршок/кривично дело за кое е предвидена парична казна или затвор до три години. Во оваа категорија спаѓа и дете кое не сторило кривично дело или прекршочно дело, но е жртва или сведок на кривично дело.

📕Извор: Г.Лажетиќ/Н.Петровска, „Состојбата со детското престапништво низ извештаите на Државниот совет за превенција на детско престапништво“.